Македонија
15. May 2019 - 16:15

,,Метлата‘‘ ќе почне од министрите и нивните заменици веќе на почетокот од јуни

Метлата на Заев ќе почне да игра од почетокот на идниот месец. Премиерот денеска потврди дека први на удар ќе бидат министрите во неговиот кабинет и нивните заменици.

Кој ќе си оди а кој ќе остане премиерот не сакаше да коментира.

Заев потврди дека ќе мете и во редовите на ДУИ за што во наредните денови ќе има и средба со лидерот Ахмети.

Освен во владините ешалони премиерот најави чистка и на Бихаќка.

Таму, според Заев на удар ќе бидат арогантните и неодговорни кадри како и оние кои се вплеткале во непотизам и се дел од предметите на антикорупциската комисија.

И додека Заев крои реконструкција на Илинденска, министрите од неговиот кабинет се надеваат дека ќе и побегнат на метлата.

Сите велат дека успеале да ги реализираат предвидените програми и дека не очекуваат токму нив премиерот да им се заблагодари за соработката.

Најавената реконструкција ќе биде прва во кабинетот на премиерот по неколкуте рокади и прераспределби на почетокот од мандатот.

За еден министер да биде сменет, потребно е апсолутно мнозинство од 61 пратеник во Собранието. Доколку Заев се реши да смени повеќе од 8 министри, тогаш во законодавниот дом ќе тече постапка како за избор на нова Влада.