Македонија
2. May 2025 - 16:25

Мерките завршија, граѓаните стравуваат од нагло поскапување во маркетите

Втор ден без замрзнати цени и маржи, ценовниците низ маркетите останаа непроменети. Засега нема поскапување на основните прехранбени продукти, како и на хигиенските производи. Граѓаните кои утринава излегле да пазарат ни рекоа дека на рафтовите се уште стојат старите цени, но поучени од минатото, стравуваат дека повторно наеднаш ќе поскапи се’.

„Бев сабајле ама немаше. Исти се цените како минатите денови, да. Тоа што купив е исто, не знам другите. Набрзина отидов, испазарив“.

„Ќе пораснат цените со гаранција. Требаше да потраат мерките малку подолго, пензионерите се со мали пензиички и треба“.

„Секогаш ги покачуваат. Ќе видиш сега јајцата што беа 68 денари сега ќе бидат најмалку 90 денари“.

Премиерот, пак, уверува дека нагло поскапување ќе нема.

„Такви трикови ние нема да дозволиме да се случат. Можеби некој да се обидува да се служи со такви трикови, но тоа нема да се случи бидејќи лично разговарав и со министерот и со директорот на пазарниот инспекторат за засилена контрола не само кај трговците, туку и кај дистрибутерите и производителите. Да видиме да не има при влезните фактури исто така трикови, не само оние што ги продаваат на своите рафтови во дуќаните. Нема да се дозволи тоа“ – Христијан Мицкоски, премиер

Користејќи ги податоците од минималната синдикална кошница, Сител направи анализа како се движеле трошоците за храна и пијалоци во период од една година. 
 
На четиричлено семејство, во април лани му биле потребни 22.200 денари. Истиот месец годинава – околу 21.500 денари. Гледано по месеци има доста варијации нагоре-надолу. Од мај минатата година цените бележат пораст достигнувајќи 23 илјади во септември. Потоа следи благ пад во октомври поради мерката „есенска кошница“. Оттогаш цените растат постојано и го достигнуваат пикот во февруари со речиси 23.500 денари. Откако се замрзнаа цените и маржите, трошоците за храна и пијалоци бележат континуиран пад за две илјади денари.