Балкан
29. October 2021 - 8:33

Меркел во проштална посета на Атина, ќе се сретне со Сакеларопулу и Мицотакис

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска е во проштална посета на Атина, на покана на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а ќе оствари средба со нејзиниот домаќин, како и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.

Меркел синоќа пристигна во Атина, на денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година што е националниот празник во земјата.

Грчкиот премиер ѝ приреди приватна вечера во неговиот дом, додека пак официјалните средби ќе се одржат утрово.

Германската канцеларка во периодот од 2010 година, со почетокот на кризата во Грција, соработуваше со сите грчки премиери, а оттогаш до сега се сменија шест претседатели на Владите (Папандреу, Пападимас, Пикраменос, Самарас, Ципрас и Мицотакис) и на некој начин беше во чекор со кризата, меморандумите и мерките на штедење во Грција.

Дел од посетите на германската канцеларка на Атина беа проследени со големи, масовни, но и насилни демонстрации, со оглед на тоа дека Меркел не беше меѓу најомилените политичари за грчката јавност.

Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во предизборниот период пред да дојде на власт во 2015 година, порачуваше „Go back госпоѓо Меркел”, но и покрај тоа, нивната соработка течеше непречено во периодот додека тој беше премиер.

Весникот „Катимерини” коментира дека меѓу позитивни моменти за Грција е начинот на кој Меркел ја поддржа земјата кога Волфганг Шојбле бараше Грција да излезе од еврозоната.

– Шеснаесетгодишната врска на Меркел со Грција би можела да ја добие титулата што самата таа ја даде во неодамнешната нејзина исповед, кога рече дека најтешкиот момент од нејзиниот мандат како канцеларка бил „кога побарав толку многу од граѓаните на Грција”. Финалето на оваа врска ќе биде испишано во петок, каде ќе биде регистриран и начинот на кој ќе се збогува со Грција, пишува весникот „Катимерини”.