Свет
21. October 2016 - 8:24

Меркел: Можни се мерки против Русија ако не запрат нападите во Алепо

Европската унија би можела да преземе „мерки“ против Русија, доколку интензитетот на нападите врз сирискиот град Алепо остане на нивото на кое беше пред прогласувањето на „хуманитраната пауза“, изјави синоќа германската канцеларка Ангела Меркел. 

- ЕУ засега нема предвидено консултации на таа тема. Денеска само го рагледавме прашањето за тоа што е неопходно да се направи за да им се помогне на луѓето во Алепо, рече Меркел на прес-конференцијата по завршувањето на првиот дел од дводневниот Самит на ЕУ во Брисел.

На истата прес-конференција, француксиот претседател Франсоа Оланд изјави дека ЕУ не донела одлука за санкции против Москва поради нејзините активности во Сирија, но дека казнените мерки кои се воведени кон Русија поради Украина остануваат во сила.   

- Се договоривме да преземеме се што е неопходно за да извршиме притисок врз Русија за продолжување на примирјето во Алепо, изјави Оланд.

Тој додаде дека за оваа тема било разговарано и на неговата средба со Меркел и со рускиот претседател Владимир Путин, што се одржа во средата во Берлин.