Свет
17. October 2025 - 8:12

Мерц најави германски Акциски план против руските хибридни напади

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, за следните неколку дена најави конститутивна седница на Советот за национална безбедност, на чиј дневен ред ќе биде Акциски план за одбрана од хибридни напади.

Во канцеларовото соопштение до Бундестагот, Мерц ја обвини Русија за обид за дестабилизација на Германија и Европа преку саботажи, шпионажа, убиства, кибернапади и целни дезинформација.

Тој, истовремено, ги обвини пратениците на десничарската Алтернатива за Германија (АфД) дека нападите потекнуваат „дури и од вашите редови“.

„Ќе ја поддржиме Украина во храбрата одбрана сè додека е потребно“, додаде Мерц, најавувајќи дека Европскиот совет ќе ја разгледа можноста за дополнителен притисок врз Русија за преговори за мир со Украина на претстојниот состанок.

Дополнително, Европската унија го подготвува 19-тиот пакет санкции против Москва.

Мерц предлага замрзнатите пари на руската централна банка да се насочат кон Украина во форма на бескаматен заем за вооружување. Според неговиот предлог, Киев ќе почне да ги враќа парите дури кога Москва ќе почне да исплаќа воени репарации.