Македонија
19. May 2016 - 13:54

Меморандум за соработка на Македонски шуми со општина Форни ди Сопра од Италија

Меморандум за соработка од областа на искористување на биомасата и одржлив туризам денеска потпишаа Јавното претпријатие Македонски шуми и Општина Форни ди Сопра од Италија која е една од најуспешните општини во Европа во областа на обновливa енергија и намалување на СО2.

Целта на италијанската делегација, составена од градоначалникот Лино Анциути и раководителот на техничката канцеларија Нацарено Кандоти, е да се воспостави соработка и да се промовира општината како локација за обука за параметрите на проектот на ЕУ.

Директорот на Македонски шуми Жарко Караџоски појасни дека Меморандумот спаѓа во рамките на веќе почнатите активности коишто „Македонски шуми“ ги прави.

- „Македонски шуми“ склучи еден договор за којшто беше информирана јавноста во Македонија, а тоа е Меморандум за соработка со Сојузното министерство за земјоделство, шумарство животна средина и водостопанство на Република Австрија преку Секторот за шумарство. Јавноста е информирана дека во рамките на проектот којшто беше објавен за искористување на биомасата преку најавата за производство на пелети и отпочнување на трансформирање, ЈП „Македонски шуми“ и ќе земе активно учество, истакна Караџоски.

Според него биомасата може да се искористи по пат на производство на пелети и замена на тие котли и начинот на создавање топлинска енергија. Искуството на општината од Италија, рече тој, е пример како таа ги заменила сите други можни извори на енергија, а ефектот е повеќестран, од аспект на заштита на животна средина, но и до користење на отпадот.

За градоначалникот Анциути придобивките од обновливата енергија овозможуваат да се развива природата и шумата која кај нив е многу присутна.

- Ние ќе продолжиме со биомаса. Тоа е главниот аргумент за кој денеска ќе дискутираме. Одлучивме наместо да користиме пелети,  да го развиеме тој процес на сецкано дрво. Тоа ни овозможува да заштедиме натамошно трошење пари. Со пелетот се заштедува, но и ако може да се користат поголеми парчиња тоа ќе даде енергија, тоа е нашата цел, да заштедиме уште повеќе. Тоа е нашиот проект и ќе продолжиме развивајќи и други извори што ги имаме на располагање, рече Анциути.

Форни ди Сопра Лоцирана на североисточниот дел на Италија, на планините Доломити, општината Форни ди Сопра произведува 5.340.652 киловати електрична енергија од обновливи извори (вода и сонце) со придобивки за животната средина кои изразени количински значат заштедување од 3.120 тони емисии на C02.

Планираните активности денеска вклучуваат средби со институции и туроператори, како и отворен ден за презентација организиран на Скопски саем.