Македонија
13. July 2024 - 18:51

Мемеди: Комисијата за случајот со тримесечното бебе ќе се состане в понеделник

 Директорот на Клиниката за детски болести Реџеп Мемеди во изјава за МИА вели дека во тек е формирањето на комисијата која ќе го истражува случајот со тримесечното бебе за кое неговото семејство тврди дека е повредено на Детската клиника. 

- Разговарано е со медицинската сестра, таа вели дека немало намерна повреда, ниту пак имало навреда од нејзина страна кон блиските на детето. Таа ќе даде и писмена изјава во врска со случајот, вели Мемеди за МИА.

Како што посочува, според медицинската сестра, повредата на десната рака на бебето е ненамерна и настанала при земање крв за анализи. 

Најавува дека комисијата ќе се состане во понеделник и ќе ги разгледа сите аспекти и дека ќе биде донесена одлука согласно законските и етичките норми.

Мемеди синоќа заедно со министерот за здравство Арбен Таравари го посетија семејството на тримесечното бебе.

Според изјавите на блиски на бебето, што беа презентирани во јавноста, по вербален конфликт, поради тоа што мајката не знаела да зборува добро македонски, следувало намерна повреда на детето од медицинската сестра, при интервенција земање крв.

Министерот за здравство Арбен Таравари на социјалните мрежи напиша дека доколку се потврдат наводите на блиските на бебето, медицинската сестра ќе биде соодветно санкционирана.