Меѓународна потерница за Ковачевски, во земјава го чека 8 дневен притвор
Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, се бара со меѓународна потерница. По речиси три недели од отворањето на истрагата, судот по предлог на обвинителството му одреди и осумдневен притвор. Ковачевски е засега недостапен за полицијата, па заедно со екс вицепремиерот Груби и поранешниот директор на Лотарија Бајрами, се најдоа први на листата за потраги.
Премиерот Мицкоски очекува дека тие наскоро ќе се соочат со правдата.
„Прашање на време е кога овие бегалци од правдата ќе се вратат и ќе одговараат. Знаете, да сте бегалец од правдата, не е така едноставен живот, па дури и да го смените континентот. Мислам дека таа работа нема така да заврши“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Неделава полицијата ги информираше Судот и обвинителството дека Васко Ковачевски не е пронајден на адресата на живеење, а неговите соседи сведочеле дека не го виделе дома подолг период. Според истрагата тој е осомничен за несовесно работење. Со случајот се опфатени уште 20 лица за кои обвинителството се соменва дека сториле кривични дела против јавните финансии и стопанството, а ја злоупотребиле и службената положба. Со таквото постапување, откриена е штета врз државниот буџет од над шест милиони евра.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар