Македонија
7. April 2016 - 8:23

Меѓународна истражувачка конференција организира НБРМ

Во организација на Народната банка на Република Македонија, денеска и утре во Скопје ќе се одржи Петтата меѓународна истражувачка конференција на тема: „Преносни ефекти од економскиот и финансискиот циклус: преиспитување на домашните и прекуграничните канали и одговорите на политиките“.

Како што соопшти НБРМ, конференцијата, којашто традиционално се организира по повод одбележувањето на годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија, а годинава е во знакот на одбележувањето и на 70 години од централнобанкарските активности во Република Македонија, на едно место ќе ги спои истражувачите од академската заедница и институциите носители на политиките и ќе обезбеди дискусија заснована врз истражувања и совети коишто се релевантни за централните банкари и другите носители на политиките во регионот.

Во рамки на настанот ќе биде доделена и редовната Годишна награда на Народната банка за најдобар труд во областа на макроекономијата од млад истражувач.