Македонија
27. August 2016 - 9:57

Меѓународен форум за продукциски дизајн во Битола

Меѓународен форум за продукциски дизајн  ќе се одржи денеска и утре во Битола, со учество на филмски експерти од Македонија, Албанија, Грција и Бугарија.

Ќе се одржат пет панел дискусии за  актуелни теми од продукцискиот дизајн и од филмската индустрија. Целта е јакнување на соработката помеѓу филмските професионалци во регионот и размена на искуства во филмската дејност.

На првиот ден од форумот, ќе бидат опфатени мапирањето на актуелните состојби во оваа професија во регионот, нејзините предности и недостатоци, насоки и план за нејзин развој, со посебен акцент на размената на искуства меѓу земјите учеснички. На вториот работен ден акцентот ќе биде ставен на дискусиите во сферата на начините за вмрежување, вклучувајќи ги и начините за приклучување кон глобалниот тренд.

- Настанот е одлична можност за споредба на достигнувањата меѓу земјите учеснички како и инспирација за идните мерки за подобрување на состојбите во оваа професија и воопшто филмската индустрија на овие простори, соопшти организаторот на настанот  - регионалниот филмски фонд „Балкан синема ситис-БСС“.

Меѓу учесниците се и директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска-Илиевска, познатиот грчки продуцент Мајкл Сарантинос, чија компанија „Стефикон“ пред неколку години беше прогласена за продуцентска компанија во Грција, директорот на Интернационалниот филмски фестивал во Тирана, Агрон Доми, македонскиот режисер и продуцент Сашо Павловски, потоа познатиот режисер, актер и продуцент од Бугарија – Николај Мутафчиев, режисерот на бугарското телевизиско шоу „Преживеан“ (Сурвивор), продукцискиот дизајнер Влатко Зафирковски и други.

Форумот е организиран во соработка со продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ филм и медиа“, а со поддршка на градот Битола, член на мрежата на креативни градови на УНЕСКО. Поддржан е и од Министерството за култура на Република Македонија во рамки на Програмата за поддршка на креативните индустрии.