Македонија
30. November 2024 - 14:20

Меџити за инцидентите на Денот на албанското знаме: Ќе одговараат сите кои го прекршиле законот

За инцидентите што се случија на Денот на албанското знаме со палењето и сквернавењето на државното и албанското знаме ќе одговараат сите и нема да има компромис спрема ниту едно лицо кој го прекршил законот, истакна денеска во изјава за медиумите првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Меџити нагласи дека во регионот има деструктивни сили кои сакаат да дестабилизираат.

- 28 ноември или отпочинувајќи од 22 ноември – Денот на албанската азбука беше прославено како никогаш досега, со свечен седница на Владата и други настани и прослави се до завршување со концертот на плоштадот Скендербег. Евидентно е дека во регионот има деструктивни сили кои сакаат да дестабилизираат како што е случајот во Митровица. За време на прославата се течеше добро, но тоа не годеше на некои и за жал злоупотребија млади луѓе за да не биде се како што треба. Најодговорно како прв заменик премиер тврдам сите тие кои згрешиле по член 393 ќе одговараат. И тие кои запалија и сквернавеа државно знаме, и тие со албанското знаме во Прилеп, ќе добијат кривични пријави. Ќе се покрене дисциплинска постапка за полицаецот од Куманово кој место да држи ред и мир, се бави со знамињата што не е негова одговорност. Тоа е одговорност на општината или на јавното претпријатие кое ги поставува и ги отстранува знамињата, а во овој случај не беше така, рече тој посочувајќи дека Владата повикува да се смири ситуацијата, со ладни глави ќе постапат кон сите тие кои го прекршија законот. 

Во однос на најавената иницијатива на ДУИ за интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, вицепремиерот рече дека треба да се остават институциите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај, како што кажа, ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација.

- Треба да оставиме на органите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација, се вработени во нивните претпријатија и ред други работи. Подобро е прво јавноста да се соочи со аргументите, фактите кој и како делувал во текот на прославата. Никој не е казнет зошто има прославено или уважил некое знаме, туку напротив сите ќе бидат казнети кои го прекршиле законот. Ќе оставиме на органите да ги дадат информациите, но случајно или не испаѓа дека се луѓе блиски до ДУИ, работат во нивните јавни претпријатија каде што се нивни директори и се сликани со нив, рече Меџити.