Македонија
31. May 2023 - 16:30

Меџити ги враќа на работа пензионираните специјалисти и професори, нов план и за радиолозите за намалување на гужвите

Беким Сали ги пензионираше, а Фатмир Меџити ќе ги враќа на работа специјалистите и професорите. На овој начин министерот за здравство планира да го пополнува недостигот на кадар во болниците низ државата. На лекарите ќе им остави сами да одлучат дали да продолжат со работа, а за тоа дополнително ќе бидат платени.

- Можеме да направиме законска рамка, за тие лекари, стари професори да одат во регионалните болници и таму кај што има апаратури да ги обучат колегите и да работат со пациентите, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Чекањето со месеци термин за снимање на магнет или друга дијагностичка процедура и долгото време за читање на резултатите, Меџити ќе го решава со централизација на Радиологија. Специјалистите од оваа област од регионалните болници според министерот снимките ќе ги гледаат и он лајн за да си ја заработат платата, а оние кои ќе работат дополнително ќе бидат платени за тоа.

- Во одреден град ако има доктор што чита дневно еден ренген на една рака или нога, сега натаму нема да биде така, онлајн ќе бидат вклучени сите, ќе има ограничен број колку дневно да си ја изработи платата, колку треба да прочита, над тој број и дома нашите радиолози почитувани ако сакаат за повеќе финансиски примања, ќе имаат можност да прочитаат со цел да не се чека толку долго, рече министерот Меџити.

За претставничката на СЗО во земјава не е во ред пациенти со месеци да чекаат термин за снимање или преглед. Некои држави овој проблем го решиле со воведување редовни ноќни смени за да се намалат листите.

- Апсолутно не е во ред да се чека толку долго, јас за ова немам разговарано со министерот за здравство, но држави овој проблем го решиле со воведување на дополнителни ноќни смени за одредени дијагностички процедури, изјави д-р Ане Јохансон, специјална претставничка на СЗО во Македонија.

Токму поради немањето термини за неопходни дијагностички процедури, пациентите се принудени истото да го прават во приватни болници и да плаќаат од свој џеб иако од платата секој месец им се одбива за здравствено осигурување.