Свет
13. March 2018 - 8:48

Матис во ненајавена посета на Авганистан

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис денеска пристигна во ненајавена посета на Авганистан, при што ќе се сретне со авганистанскиот претседател Ашраф Гани и американскиот генерал Џон Николсон.

- Убеден сум дека победата во војната, во која САД вложуваат нови ресурси, се уште е возможна. САД регистрираа знаци на интерес од страна на талибанските претставници за преговори со Кабул за прекин на 16-годишната војна, истакна Матис, додавајќи дека таквите знаци се присутни уште од пред неколку месеци.

Тој посочи дека „целта е талибанците да бидат убедени дека не можат да победат“ и оти треба да преговараат. Но, Матис наведе дека САД сака Авганистанците да ја имаат водечката улога во напорите за помирување. 

Авганистанскиот претседател Гани минатиот месец предложи преговори без условување со талибанците, што американски претставници предлогот го оценија како важен гест од страна на Кабул.

Во текот на месецот Узбекистан ќе биде домаќин на мировна конференција за Авганистан, при што се очекува учесниците да побараат директни преговори помеѓу екстремистичката група и Владата на Гани. Талибанците најверојатно ќе одбијат да преговараат со авганистанската Влада, бидејќи ја сметаат за нелегитимна. Тие сакаат да преговараат директно со САД за евентуален мировен договор.