Свет
27. September 2017 - 10:43

Мaтис и Столтенберг „пречекани“ со ракети во Кабул

 Најмалку шест ракети експлодирале денеска во кругот на меѓународниот аеродром во авганистанскиот главен град Кабул, за време на пристигнувањето на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Германската новинска агенција ДПА, јави дека летови биле одложени поради ракетниот напад, а нема информации дали летовите на високите посетители биле доведени во опасност. Според повеќе извори и очевидци, аеродромот бил нападнат со 20 до 30 ракети и минофрлачки гранати кои паднале на делот на аеродромот што го користи авганистанската армија, при што армиски хеликоптери биле испратени да интервенираат кон локацијата.

Нападот доаѓа во време кога Матис и Столтенберг треба да се сретнат со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, за да ја договорат натамошната поддршка за вооружување и обука на авганистанска армија, како и планираното испраќање на 3.000 нови американски војници во земјата.