Матичните лекари утре на протест - нема да прегледуваат и пишуваат рецепти
Утре нема ниту прегледи, ниту издавање рецепти. Матичните доктори со предупредувачки протест. Ќе седат во своите ординации но, ќе бидат на располагање само за итните случаи. Револтирани се од малиот процент пари што ги добиваат од Здравствениот фонд. Велат дека веќе подолго време се соочуваат со финансиски проблеми и доколку не се подобри состојбата во примарното здравство може да дојде до затворање на некои ординации.
„Апелираме неколку пати: основен пакет услуги да се воведе. Неиздржливо е енормен број на услуги при ограничени суми. Значи, ако секој осигуреник двои 2.600 денари за здравство, матичниот добива 63 денари. Значи, мора нешто да се промени.
Така да, цело време одиме во некоја финансова дупка и малите фирми и колегите кои што имаат малку пациенти (во Источна Македонија е повеќе изразено тоа) не можат да го издржат оваквиот момент. Во интерес на подобрување на здравството, да имаме во секој дел од Македонија здравствени работници, да ги задржиме младите доктори, потребно е да се промени, Фондот да изреагира позитивно на нашите барања бидејќи тоа се суштински барања за опстанокот на примарното здравство и во текот на утрешниот ден матичните доктори, примарните доктори нема да примаат пациенти, ќе седат во своите амбуланти но, нема да го користат мој термин. Само за итни случаи ќе примиме и ќе реагираме“, вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.
Матичните доктори се незадоволни и од, како што велат, игнорантскиот однос од Фондот во врска со нивните барања. Веќе оствариле две средби со министерот за здравство, а утре попладне ќе имаат средба и со заменикот министер, па се надеваат дека заеднички ќе најдат решение за проблемите во примарното здравство.
„Докторите кои што се во малите места и во градовите во кои што имаат помал број на пациенти не можат да издржат вакви финансиски шокови. Немаат од што да исплатат 18.000 денари и покачување на минимална плата, бидејќи кај нас капитациониот влог не е покачен од 2018 година. Освен тоа, колегите концесионери добија енормни сметки од 26.000, 30.000 во здравствени домови и исто така немаат од што да ги исплатата овие сметки затоа што капитацијата оваква каква што е осмислена не е предвидена за овакви финансиски шокови.
Со ваквиот игнорантски однос од фондот голем број од докторите нема да можат да издржат и ќе затворат, а со тоа и бројот на такви места каде што ќе нема доктори ќе се зголеми“, вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.
Матичните доктори ги повикуваат пациентите кои примаат редовна терапија, доколку до сега не зеле рецепти да го сторат тоа во текот на денешниот ден, бидејќи таа услуга утре нема да можат да добијат.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
