Маркови Кули - комплетно неискористен туристички потенцијал на Прилеп
Наместо препознатлив туристички бренд кој со својата историја, велелепност и мистика ќе привлекува илјадници туристи годишно од целиот свет Марковите Кули кај Прилеп се повеќе стануваат подзаборавена приказна од минатото. Комплетно туристички неуредеден простор. Без патеки, без патокази, без едукативни табли, без урбана опрема, без корпи за отпадоци, нема инфо центар или место каде може да се купи барем некој скромен сувенир, нема место каде може да се купи ниту едно шише вода или да се напиеш барем едно кафе. Практично нема ништо освен тоа што е го оставила природата или се направило во поранешна Југославија.
Марковите кули се под надлежност на Институтот за старословенска култура од каде велат дека посеопфатна стратегија за туризам тие сами не можат да направат, нивна приоритет е научната дејност.
„Локалитетот Маркови Кули моментално е заштитен како споменик на природата и во рамките на овие споменици на природата важат законски одредби кои се во насока на заштитување на ова природно наследство. Се разбира дека има можности и решенија кои би соодветствувале со тоа да не се наруши природната средина за да се доведе до една позиција да се користи од аспект на туристички посети“, изјави Д-р Александар Василески, директор на Институт за старо словенска култура.
Ваков микс на историја, тврдини, уникатни карпи и други разни фортификации во комбинација со црквите и манастири во населбата Варош, која се наоѓа под Марковите Кули можеби нема никаде во светот. И наместо оваа приказна да му ја продадеме на светот кај нас се распаѓаат и веќе конзервираните тврдини.
„Веќе делови од Кулите, особено оние најизложените точки на фортификацијата веќе се во сериозен процес на девастација и тоа е видливо со голо око. И доколку продолжи тој процес постои сериозна можност овие објекти кои се од исклучително значење да бидат за навек уништени“, истакна Д-р Бранислав Ристески, научен советник археолог.
И туристичките работници кај нас велат дека скоро и да нема промоција на Марковите Кули.
„ Да се направи треба приказна и да се вложи. Треба вложување на средства, правење на патеки, прво еден достапен пат, потоа добро обележување, ако треба и со калдрма или асфалт нека биди, со некои проспекти, со сувенирници да има во Варош. Но треба да се направи промоција и да се среди нештото. И малку да се направи поголема презентација, сега е барем лесно тоа да го направи Општината“, изјави Бранко Карески, туристички работник.
Се прават напори после Охрид тој да биде вториот регион во нашата држава кој ќе се најде на постојаната листа за заштита на УНЕСКО. Но Министерството за животна средина со години од нејасни причини не се согласува културните содржини да бидат внесени во планот за управување заедно со природните и локалитетот да биде заштитен како мешовито добро.
„Каде е пречката што се случува?
Моментално пречката е тоа што треба да се направат едни поинакви анализи и сето тоа да добие една поинаква форма. Бидејќи сега во оваа форма е заштитен само како природно наследство, треба дополнителни анализи да се прошири сето тоа“, додаде директоро Василески.
Од Министерството за култура само кратко одговорија дека се работело на формирање на Работна група за отпочнување на процесот за соодветна промоција на Марковите Кули и дека е стапено било контакт со сите соодветни институции за забрзување на процесот за ставање на локалитетот под заштита на УНЕСКО. Но кога сето ова ќе се реализира ќе покаже иднината.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар