Македонија
25. February 2021 - 16:38

Маричиќ задоволен од епилогот, опозицијата бара одговорност за случајот „Мијалков“

Министерот за правда е горд што Сашо Мијалков станал достапен за органите на прогонот. Признава дека случајот ја поткопал довербата на граѓаните во институциите.

Опозицискот лидер Мицкоски, вината за исчезнувањето на Мијалков ја лоцира кај министрите за внатрешни, правда и премиерот Заев. Се сомнева за постоење меѓусебен договор.

„Ако институциите затаиле, требаше да има одговорност, почнувајќи од него па до тие што стоеа таму до него кои му клатеа со главите додека зборуваше. Ниту одговорност видовме  ниту ќе видиме одговорност. Зошто? – Затоа што се сите во ортакот!“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителството, Кривичен и полицијата не ја исклучија можноста дека од кај нив протекла информацијата оти се бара притвор за Мијалков. Со точен ден и час објасниа како течела процедурата. За Првиот човек на Кривичен, успех било што за неколку часа судот го изготвил решението за притвор.

„Тоа е се на се, три и пол часа, така што Судот постапи апсолутно ажурно. Сите познавачи на судството во Македонија ќе ви кажат дека Судот одлучувал во најбрз можен врменски период“, вели Иван Џолев, претседател на Основен кривичен суд.

Во меѓувреме, судската фела и правниците бараат да се открие дали постоел пропуст во постапувањето на институциите.

Коалицијата Алијанса и Алтернатива, поради случајот поднесе интерпелација за министерот Спасовски, која и ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ја поддржи.

Мијалков веќе втор ден е во куќен притвор, а утре треба да ја слушне пресудата за предметот во кој е обвинет за масовно прислушување.