Македонија
17. January 2022 - 16:46

Маричиќ: Нема да се мешаме во тоа какви малцинства има во Бугарија

Новата германска влада со стара порака - билатералното прашање со Бугарија да се решава билатерално. По Франција, која се откажа од посредништво во спорот, денеска тоа го направи и Германија.

Ден пред посетата на бугарскиот премиер на Скопје, ставот го пренесе германската министерка за Европа. Тука сум да ве охрабрам и да пренесам дека ЕУ и понатаму си стои на дадениот збор, вели Лирман.

„Сите предуслови за почеток на преговорите се исполнети и тие треба да започнат и со Македонија и со Албанија. Германија и понатаму активно ќе се залага за тоа, за нас е важно билатералните прашања билатерално да бидат решени и тоа да биде независно од пристапниот процес со ЕУ”, вели Лирман.

Бурните реакции кои следуваа по изјавата на бугарскиот премиер дека во Бугарија не постои македонско малцинство, денеска од новата функција ги коментираше вицепремиерот за европски прашања.

Не е наша рабата да кажеме каде и какво малцинство постои, тоа е и наша обврска од Уставот, вели Маричиќ.

„Тоа е внатрешно прашање на сите држави во регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, а секоја група на луѓе, етничка заедница или пак политичка партија или здружение, имаат право да ги бараат своите права преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права или Европската конвенција за заштита на човековите права”, вели Маричиќ

Од ВМРО ДПМНЕ, пак, обвинуваат - Маричиќ уште првиот ден се огради од македонското малцинство во Бугарија, а одобрува внесување на Бугарите во македонскиот Устав.

„Кој друг освен Македонија да се интересира за правата на Македонците во Бугарија? Дали изјавата на Маричиќ значи дека ќе побара Бугарија да не се меша во правата на малцинствата во Македонија? Срамно и недостоинствено е однесувањето на потпретседател на Влада кое преставува продолжување и континуитет на срамните политики на заевизмот”, прашаа од ВМРО ДПМНЕ.

А слично како и Петков претходно, и Маричиќ денеска се огради од временски рокови за решавање на спорот.

Ова прашање беше присутно и на средбата на Лирман со Ковачевски. На само половина час по преземањето на функцијата, новиот премиер пренел дека посетата на Петков е значаен добрососедски исчекор напред.

Евроинтеграцијата главна тема и во претседателската вила.

„Претседателот Пендаровски се заблагодари што проширувањето на Европската Унија и Западниот Балкан се меѓу клучните приоритети на новата Влада на канцеларот Олаф Шолц. Република Северна Македонија останува посветена на европската агенда”, било истакнато на средбата Пенадровски – Лирман на Водно.