Малите партии остануваат со Ковачевски
Не важат веќе роковите на помалите коалиционери за една изборна единица. Иако условот за опстанок на владината коалиција беше до крајот на април да се донесат тие законски измени, сепак прагот на толеранција се помести поради кризите со кои се соочува земјава.
„Донесување на измени во Изборниот законик, со кои што Македонија ќе биде една изборна единица, тоа е практично спас за иднината на Македонија. Промената само со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, 30 години се менуваат две политички партии, кои што се носечки, а состојбите се сè полоши во државата. Значи, не се решенија на кризата на состојбите предвремени избори со постојниот изборен модел. Ние дадовме рокови, но поради сите овие состојби економската., енергетската криза, војната во Украина, се пролонгираа тие рокови и што е најбитно процесот започна. Законот за една изборна единица го помина филтерот во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, во Законодавно-правна, следната недела очекуваме да биде ставен на пленарна седница и да се донесе. Очекуваме да се донесе овој исклучително важен закон за граѓаните за државата за демократизација на државата. Така да, пред да се донесе законот за една изборна единица апсолутно не размислуваме ние за предвремени парламентарни избори“, вели Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз.
Во врска со најавите од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, за целосна блокада на работата на Собранието доколку не се организираат предвремени парламентарни избори, Трајанов смета дека не е соодветен момент за тоа.
„Без носење на овие системски закони за кои што зборувам апсолутно сметаме дека би било неприфатливо, политички неразумно да речеме, да се бара сега предвремени избори по секоја цена. Тоа значи целосна блокада на системот, деструкција. Никој не смее да го блокира Парламентот, да не функционира законодавната власт. Тоа ќе предизвика огромни штети но, исто така ќе биде негативно за имиџот на партијата што се обидува да го блокира Парламентот да не функционира. Значи, овој Парламент има мандат да функционира уште две години и тој не треба да се блокира. Не ја исклучувам можноста да седнат сите парламентарни и вонпарламентарни партии и да се договорат и за предвремени избори. Значи, сите опции се отворени но, пред сè треба да водиме сметка за нашите сегашни, актуелни и стратешко долгорочни интереси на државата“, вели Трајанов.
ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите опозициски политички партии но, и тие кои се дел од владината коалиција да ја поддржат иницијативата за блокада на работата на Собранието, особено затоа што не е исполнето ветувањето за една изборна единица, едно од клучните барања на помалите политички партии.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
