Loading Video...
Македонија
8. October 2025 - 16:35

Максимални три години затвор за тројцата обвинети за Вардариште

Максимална тригодишна казна затвор за тројцата обвинети за дивата депонија Вардариште. Кривичниот суд одлучи дека обвинетите Мајсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи се виновни за загрозување на животната средина. Тие од 2020-та година направиле инпровизиран склад без да формираат фирма. Во складот одлагале железо, стари акумулатори и отпад.

По барање на Обвинителството, Судот одлучи тројцата да останат во притвор до правосилност на одлуката поради постоење опасност од бегство. На ова одбраната кажа дека отпадот го собирале поради егзистенционални причини, а за бегство се потребни пари, што тие ги немаат.

Одбраната најави дека ќе се жали и на пресудата на првостепениот суд, но и на одлуката за продолжување на мерката притвор. Адвокатот Костадин Веселиновски смета дека на тројцата на товар им е ставено дело коешто тие воопшто и не го сториле.

Мемиши, Асани и Арифи беа приведени во септември кога во Вардариште избувна голем пожар, за кој на противпожарните служби им требаше неколку денови за да го санираат. Пожарот во Вардариште предизвика и протести на жителите на Аеродром.