Макрон потврди дека е подготвен да го гарантира договорот Скопје-Софија
Кога ќе дојде време за тоа, францускиот претседател Макрон ќе ги повика Ковачевски и Радев во Париз, на потпишување на македонско – бугарскиот договор. Соопштението дојде од Елисејската палата, по телефонските разговори на Макрон со македонскиот премиер и бугарскиот претседател.
Франција веќе неколку недели бара решение за спорот, а Макрон е подготвен да биде сведок и домаќин на билатералниот документ, кој ќе овозможи почеток на преговори со ЕУ, се вели во соопштението.
“Во текот на овие размени, претседателот на Републиката изрази целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства. Претседателот на Републиката изрази подготвеност да ги пречека во Париз, кога ќе дојде време, бугарските и македонските власти со цел да се склучи нивниот билатерален договор”, информираат од Елисејската палата.
Бугарскиот премиер, пак, вели дека ништо нема да направат под притисок. Она што е најважно, вели Петков, е гаранција за бугарските барања.
Голем дел од спорот се темели на историските отворени прашања, но според копретседателот на мешовитата комисија Ѓоргиев, историчарите веќе не го чувствуваат товарот да донесат брзи решенија.
“Морам да кажам дека во последно време не постои никаков притисок...Го нема веќе тој притисок резултатите во интеграцијата да зависат од Комисијата”
Според Ѓоргиев, ставот – историјата на историчарите и немешањето на политиката е рецепт за успешна работа на Комисијата, која во септември ќе ја одржи наредната седница.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
