Свет
13. July 2017 - 15:50

Макрон бара повеќе кеш од Германија за Европа

Францускиот претседател Емануел Макрон од германската канцеларка Ангела Меркел побарал една милијарда евра за поддршка на проекти на ЕУ поврзани со информатичката и нано технологијата.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, Макрон и Меркел денеска заедно претседаваа со седница на владите на Франција и Германија, што се одржа во Париз во пресрет на францускиот национален празник Денот на Бастиља - 14 јули.

Макрон во изјава за францускиоот весник „Куест Франс“ од Меркел и Германија како најсилна економска и финансиска сила во ЕУ, бара пари и за други заеднички европски проекти во одбраната, безбедноста и имиграцијата.

Францускиот претседател предлага избор на министер за финансии, Парламент и буџет на земјите од Еврозоната, за кои се потребни нови пари и промена на законодавството на ЕУ, а на што се противи Берлин бидејќи Германија е единствената земја во Унијата што може да поддржи вакви промени и политички и финансиски.