Македонија
18. July 2025 - 16:43

„Македонско најдобро“ – Почнува кампања за купување домашни производи

„Македонско најдобро“ - државата преку кампања ќе ги поттикнува граѓаните повеќе да купуваат домашни производи. Целта е да се зголеми производството, но и да се подигне свеста за квалитетот на македонските производи. Изработена е дигитална платформа makedonskonajdobro.mk на која земјоделците и преработувачите ќе можат да ги промовираат своите продукти. Има и мапа со продажни места со што граѓаните ќе можат лесно да го најдат тоа што сакаат да го купат.

„Со оваа кампања која денеска ја најавуваме сакаме да ја поткренеме свеста, да допреме до секој еден граѓанин дека имаме навистина квалитетни земјоделски призводи кои ќе бидат видливо препознатливи ширум маркетите. Со купувањето на домашните македонски производи помагаме на секој еден вреден земјоделец кој макотрпно работи за да ги произведе. Помагаме на компаниите кои вработуваат македонски сограѓани кои живеат од платата којашто ја земаат и нормално, парите остануваат во нашата држава, односно во нашата економија“ – Цветан Трипуновски, министер за земјоделство

Трипуновски рече дека во првите пет месеци од годинава, споредено со истиот период лани, извозот на домашни производи е зголемен за над 50%.

„Во апсолутна бројка тоа е околу 57 милиони евра што е сериозен раст. Овој раст значи дека успеваме домашните земјоделски производи да ги промовираме и надвор од границите на државата што во иднина ќе значи враќање на тоа што Македонија некогаш била да ги задоволува домашните потреби, но и да извезува. Реченицата Македонија увозна храна полека да станува минато“ – Цветан Трипуновски, министер за земјоделство

Кампањата доаѓа по неколкукратното замрзнување на маржите на основните прехранбени продукти, но државна статистика пресмета дека трошоците за живот во јуни скокнале за 4 и пол проценти. Вчера премиерот Мицкоски рече дека се прават нови анализи за мерки кои ќе дадат резулати на долг рок. Се размислува за неколку пристапи, во консултација со експерти, трговските синџири и пазарниот инспекторат.