Бизнис
11. March 2019 - 20:24

Македонските компании не ги користат парите од европските фондови

Домашните компании не ги користат европските фондови. Од расположливите 80 милијарди евра преку Програмата Хоризонт 20-20 во земјава завршиле само 7 милиони евра. Но, преку инструментот наменет за мали и средни претпријатија, аплицирале само неколку фирми, а ниту една не добила пари за проектите.

“Причина за слабата искористеност се големите административни процедури и долгиот период на одобрување, меѓутоа тоа се однесува на сите компании од сите европски држави. Искористувањето на средствата во рамки на ЕУ фондовите не е големо, но да се охрабрат компаниите да аплицираат за да може барем да ги изградат своите капацитети и да стекнат искуство”, вели Јадранка Аризанковска од Стопанската Комора на Македонија.

Од Стопанската Комора велат дека фирмите не аплицираат и поради тоа што немаат пари за реализација на проектите бидејќи фондовите не ја покриваат целосно инвестицијата.

“За приватниот сектор европските фондови покриваат меѓу 50% и 70% од инвестицијата, за разлика од институциите каде покриваат 90-100% од проектот. Ние, како Комора, се залагаме за формирање гарантен фонд, како што е случај со гарантниот фонд за земјоделците преку Министерството за земјоделие. На тој начин ќе им се помогне на фирмите со иновативни идеи да дојдат до средства за реализација на своите проекти и искористување на европските фондови”, вели Јадранка Аризанковска од Стопанската Комора на Македонија.

Напредок бележи Програмата ИПАРД 2, наменета за земјоделството. Активна е до крајот на идната година, а реализацијата досега изнесува 22%.

ЕУ креира нова програма што ќе стартува за две години, откако ќе завршат постоечките програми. Буџетот ќе изнесува 100 милијарди евра, пари наменети за сите европски држави.