Македонија
29. March 2020 - 16:37

Македонските граѓани кои се вратија од Љубљана држени во нехумани услови

Без вода и храна и без можност да одат во тоалет...низ ваква голгота поминале македонските државјани кои вчера се вратија со хуманитарниот лет од Љубљана. Тие од попладнето до доцна вечерта повеќе од 7 часа биле оставени во заклучен автобус на паркинг во Маврово чекајќи да бидат смесени во хотел каде треба да поминат 2 недели во карантин.

Во текот на денот мајка на една од патничките на социјалните мрежи алармираше за нехуман третман.

-Денес сабајле во 11 ќерка ми тргна среќна да се враќа од Словенија за Македонија, со авионот од амбасада, (170 евра шо не е важно но..) и секако без вода оти не може во авион. Еве уште, а сега е 20.15, вода нема пиено, во тоалет нема одено. Така што од 15.30 е затворена во автобусот пред Макпетрол, Маврово, чекајќи преглед за да ги сместат. Нема воздух, шоферот си отишол, нема кај да се бунат, затворени како најголеми криминалци, напиша на социјалните мрежи загрижена мајка.

Министерот Филипче вели дека транспортот до карантинот може да внесе недоразбирање зошто сме немале вакво искуство досега, но ситуацијата можело да се менаџира на лице место.

-Верувам дека на лице место може да се менаџира, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство

Според податоците од МВР досега во државен карантин во 19 објекти сместени се над 1000 лица, а се очекува во земјава да се вратат уште 3000 македонски државјани. За денеска се најавени два авиони од Германија.