Македонија
3. јуни 2016 - 9:01

Македонски уметници на фестивал на франкофонија во Созопол

Република Македонија, претставена од Културно-информативниот центар во Софија ќе учествува на шестиот  Интернационален фестивал на франкофонијата „Soleil“ (Солеј), кој од вечер до 8 јуни ќе се одржува во бугарскиот град Созопол.

Македонија вторпат учествува на оваа франкофонска манифестација. Годинава, со свои културни програми ќе се претстават Франција, Белгија, Романија, Турција, Грузија, Мароко, Либан и домаќинот Бугарија.

Република Македонија годинава е претставена со неколку програми. Во рамки на Меѓународната ликовна колонија учествуваат академските сликари Мирјана Крстева-Масети, Андријана Мациев, Иво Пецов и Марјан Ѕингаров.

На 6 јуни, Македонија ќе понуди целодневна програма. Најпрво, во просториите на Советот на општина Созопол, директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров ќе одржи предавање за дипломатскиот протокол, пред ученици од средните училишта во Созопол. Вечерната програма продолжува со отворање на ликовната концепција „Конекција 2“, на која ќе бидат претставени дела на 13 македонски ликовни уметници- Слободан Милошески, Зоран Мише, Горан Тричковски, Павел Целкоски, Перица Георгиев, Иван Стоименов, Адриана Јованоска, Ице Огненовски, Јовица Миленов, Маријана Иванова, Јана Луловска, Марјан Ѕин и Иво Пецов.

Истата вечер, во 20 часот, целовечерен концерт ќе имаат Момчило Куфојанакис (виолина) и Весна Ангелова-Христова (пијано). И во ликовната концепција и на концертот ќе бидат претставени дела со француска тематика и интерпретирани композиции од француски автори.

На вечерашново свечено отворање на фестивалот најавено е присуство на министрите за туризам и култура на Бугарија и високи претставници од дипломатскиот кор, а директорката на Фестивалот Александрина Исајлова и градоначалникот на општина Созопол Панајот Рејзи, свечено ќе го отворат овој веќе традиционален франкофонски фестивал.