Македонија
17. May 2023 - 16:41

Македонски Брод не се откажува од планот за поврзување со Скопје преку Јасен

Најголемиот проблем на Македонски Брод, изградбата на патот од Поречието до Скопје и после децении останува рак рана за оваа Општина. 

Овој атрактивен регион е отсечен од главниот град и сега за да се стигне од тука до Скопје потребни се околу 200 км, а доколку се доизгради дел од патот, таа должина ќе се намали на само 70-тина километри. 

Тоа ќе значи економско заживување на овој регион, стопирање на миграцијата и повторно населување на дел од селата. Моментално по овој пат може да се поминува но само во определени термини во текот на денот, а голем дел од патот е премногу тесен и опасен.

„Владата на Република Македонија нема осет и се уште не сме влезени ниту во програма за изработка и реализација на тој пат. Ние како локална самоуправа не отстапуваме, ја продолжуваме таа битка, се вмрежуваме со здруженијата на поречани и заедно со тие здруженија вршиме директен притисок врз властите“, вели Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

Најголем проблем е што дел од патот поминува низ Националниот резерват „Јасен“ што е можеби главната причина што досега ниту една Влада во Македонија не се сака целосно да го реши овој проблем, туку само делумно. На некој начин поради патот закочена е и изградбата на поголем број викенд населеби околу езерото Козјак. 

„Едно чисто, еколошко подрачје ќе го отвориме кон милионската метропола така да населението ќе може своите производи, сега нели битката е за здрава храна, здрав живот, ќе може да ги пласира на пазарите“, додаде Ристески.

Поречани во повеќе наврати дури и протестираа за изградбата на овој пат, но засега нема решение.