Македонистички денови во МАНУ

Меѓународна научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ“ ќе се одржи денеска и утре во Скопје, во организација на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) и Македонската академија на науките и уметностите.
Манифестацијата има за цел да придонесе во научната обработка, системското проучување и меѓународната афирмација на македонскиот јазик со што ќе се обезбеди споредливост на резултатите и нивна апликација на пошироко меѓународно ниво.
На отворањето на манифестацијата, како што е најавено, ќе се обрати претседателот на МАНУ Таки Фити.
Во рамки на манифестацијата, како што информираат организаторите, ќе биде презентиран и новиот интернет портал Дигитални ресурси на македонскиот јазик, кој содржи над 50 дигитализирани стари книги, граматики на македонскиот јазик, монографии, споредбени студии, база на ресурси за македонски електронски корпус, како и преку 4.000 страници дигитализиран дијалектен материјал од целата јазична територија на Македонија.
Првиот ден ќе се одржи меѓународна панел-дискусија посветена на придонесот акад. Б. Видоески во развојот на македонската лингвистика и славистика, на која ќе зборуваат неколку научници од земјата и странство, меѓу кои акад. Зузана Тополињска, проф. Кристина Крамер од Канада и проф. Слободан Реметиќ од Србија.
Во текот на вториот ден ќе се одржи Меѓународната научна конференција „Динамиката на македонскиот јазик“, посветена на анализата на динамичниот карактер на македонскиот јазик и неговата специфична структура.
На конференцијата ќе учествуваат светски познати македонисти, како што се проф. Татјана Вендина од Руската академија на науки, претседател на Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас, проф. Јан Соколовски од Полска, надворешен член на МАНУ и основач на Македонистичката работилница на Универзитетот во Вроцлав, проф. Ирена Савицка од Институтот за славистика при Полската академија на науките и проф. Мотоки Номачи од Универзитетот во Хокаидо, Јапонија.
Професорот Номачи на оваа меѓународна конференција првпат ќе го претстави ракописот на необјавената „Граматика на македонскиот јазик“ од акад. Самуил Б. Бернштејн, која е напишана во 1947 година и која повеќе од 70 години се сметаше за загубена.
Ново на Сител
-

Тема на денот со Васко Наумовски, поранешен амбасадор во САД
-

Дваесетина пожари во земјава, пожарот на Китка се уште гори
-

Има сериозни индиции дека најголем број од пожарите се подметнати
-

Лани двајца со западно-нилска треска, годинава досега 50 потврдени и 5 починати
-

Кога “договорците” во здравството ќе добијат решенија за работа?
-

Почна втората фаза на изгрaдбата на автопатот Скопје – Блаце
-

Реакции за изградбата на дата центри во Македонија
-

Министерот Сали позитивно гледа на изјавата на еврокомесарката Кос за проширувањето
