Македонија тврди дека е прекршена конвенцијата, Москва најавува реципрочни мерки
Точната причина за протерувањето на петте руски дипломати и натаму останува мистерија. Министерката за одбрана денеска не потврди, но ниту демантираше дека одлуката на македонското МНР се темели на сознанијата дека рускиот персонал во амбасадата, работел на загрозување на безбедноста на Македонија.
Она што Петровска можеше да го потврди е дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна и дека освен хибридни, во моментов нема други директни закани по земјава.
Русија не чекаше многу со својот одговор на протерувањето на руските дипломати. Ќе бидеме принудени да преземеме реципрочни мерки – реагираа од руското МНР.
„Овој акцентирано непријателски чекор е продолжување на курсот кон вртоглаво рушење на билатералните односи со Русија што пред неколку недели го зазедоа властите на Северна Македонија. Со приклучувањето кон русофобичната хистерија што ја почна Западот, Скопје уште еднаш ја потврди подготвеноста непромислено да го жртвува суверенитетот и да носи одлуки кои се во спротивност со расположението во јавноста и им противречат на коренитите национални интереси”, коментираат од руското министерство.
Од руската амбасада во земјава велат дека засега нема одлука за контра мерки кои ќе бидат преземени.
Ова е трет пат руски дипломати да бидат прогласувани за непожелни во земјава. Минатата година двајца од нив беа прогласени за персона нон грата, а во двата случаи Русија реагираше со протерување на македонски дипломати од Москва.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
