Loading Video...
Македонија
14. јуни 2021 - 19:58

Македонија прв пат на НАТО Самит како полноправна членка - Што ќе донесе средбата Заев-Радев?

Горди зачекорија по синиот тепих, по првпат со ист статус како и останатите 29 сојузници во најмоќниот воено – политички сојуз. Македонската делегација во улога на полноправна членка учествуваше на НАТО Самитот во Брисел и рамноправно седна на масата да дискутира за најголемите светски предизвици и за иднината на Алијансата.

Момент дефиниран како историски од премиерот Заев.

Во отсуство на најавените средби со членовите на техничката влада во Софија, Самитот е шанса и за директна комуникација меѓу НАТО партнерите Македонија и Бугарија, а во однос на стопираната ЕУ интеграција.

Средбата меѓу премиерот Заев и претседателот Радев е на работната агенда веднаш по завршувањето на Самитот, а пред неговиот почеток, Заев изрази очекување дека Македонија може да има само корист од овие состаноци.

Во посредничка улога на Самитот веројатно се вклучил и францускиот претседател Макрон, кој претходно вети дека лично ќе се ангажира за решавање на спорот. На фотографиите тој се гледа како одделно разговара најпрвин со Радев, а потоа и со Заев.

Инаку , пред почетокот на денешниот Самит на НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг во интервју се осврна на клучните теми кои ќе бидат на маса на лидерите на земјите членки, но повтори дека Западниот Балкан е од голема важност за Алијансата.

Главна цел на Самитот беше усвојувањето на НАТО агендата за 2030-та година во однос на безбедноста и одбраната. Најважните теми на дискусија беа и сајбер безбедноста, климатските промени, како и односите со Кина и со Русија.