Македонија
18. May 2021 - 17:05

Македонија протера руски дипломат, Москва најавува реципроцитетен одговор

Македонското МНР прогласи руски дипломат за персона нон грата. Во образложението стои дека одлуката е донесена согласно членот 9 од виенската конвенција за дипломатски односи. На 14 мај бил повикан Амбасадорот на Руската федерација во МНР и му била врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија. Рокот на МНР е 7 дена. Според ова најдоцна до петок рускиот дипломат треба да замине од државава.

Во посочениот член 9 од Виенската конвенција стои дека државата која акредитира во секое време има можност да го протера шефот или било кој член на дипломатскиот персонал на мисија и без да ја образложи ваквата одлука.

 Од Амбасадата на Руската Федерација за Сител  ја потврдија информацијата дека еден од вработените е прогласен за непожелна личност, но не откриваат повеќе детали. Најавија дека се подготвуваат за одговор.

Неофицијално протерувањето е поради активности на рускиот дипломат кои не биле во согласност со однесувањето кое доликува на странски дипломат кој служи во земјава.

Претседателот на државата Пендаровски вели дека сензитивни се информациите и не сакаше да ги соопшти причините за ваквата одлука на МНР но веднаш бил информиран.

 Ова не е прв пат Македонија да презиме мерки во однос на руски дипломати. Во 2018 г. ваква одлука беше донесена во знак на солидарност со Велика Британија, САД и ЕУ.