Македонија од вчера е „де факто“ членка на НАТО Алијансата
По вчерашното потпишување на пристапниот Протокол за членство во НАТО, Македонија ќе учествува на речиси сите состаноци на Алијансата.
Како што напиша националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, Македонија со овој чин станува „де факто“ членка на Алијансата, сѐ додека членството не стане и формално-правна реалност откако сите 29 парламенти на земјите членки ќе го ратификуваат протоколот. Зависно од домашните процедури на секоја земја, процедурата може да биде подолга или покуса, иако надежта кај голем број дипломати во седиштето на Алијансата е целиот процес да се заврши до декември годинава, кога ќе се одржи Самитот на НАТО во Лондон, најдоцна до почетокот на 2020 година.
На Самитот во Лондон, во секој случај, ќе учествува премиерот Зоран Заев, потврди вчера за МИА генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
-Од денеска, членовите на владата во Скопје, министрите, ќе бидат поканети да учествуваат на состаноците на НАТО. Идната недела, Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, ќе седи на масата со сите други министри, ќе учествува во дебатите. Се радувам дека ќе и посакам добредојде на Радмила на состанокот. Потоа, министерот за надворешни работи ќе учествува на состанокот на министри за надворешни, а амбасадарот ќе учествува на неделните состаноци тука во Брисел. На крајот на годината, премиерот Заев ќе учествува на самитот на лидерите на НАТО во Лондон. Што значи ќе бидете поканети да учествувате во состаноците на НАТО на сите нивоа, изјави Столтенберг во интервју за МИА.
Сепак, одредени состаноци, на кои се разменуваат високо чувствителни информации нема да бидат отворени за Македонија сѐ до полноправното членство, појасни генералниот секретар. Таков е случајот со состаноците кои се однесуваат на нуклеарното планирање, додаде во интервјуто.
Освен министрите, и постојаниот дипломатски претставник на Македонија во Алијансата ќе биде поканет да учествува на речиси сите состаноци. Македонија во овој момент во седиштето во Брисел има вршител на должност, но се очекува набрзо да биде именуван постојан амбасадор, со оглед на обемната работа која го чека ова клучно дипломатско претставништво.
Како што објасни словенечкиот амбасадор при НАТО, Јелко Кацин, за МИА, претстојниот период за Македонија е многу важен во смисла на подготовка за полноправно членство и треба да се искористи максимално.
-Треба да се следи што се случува, да се известува Скопје за тоа за што се расправа и што одлучува Северноатлантскиот совет, што се подготвува за следните седници, кој е ставот на Македонија по големите светски прашања за кои се расправа тука. Македонија не е веќе на менито, туку е на маса. И како следна, триесетта, рамноправна членка соработува и следи сѐ што се случува. Тоа е момент на вистина колку е ова и изискувачко за земјите членки, треба да се има јасен став, треба да се поддржат сојузниците, ако има двоумење на тоа треба да се обрне внимание за да се согледаат сите последици на секоја наша одлука, рече Кацин за МИА пред неколку дена.
Грција се очекува да биде првата земја сојузничка која ќе го ратификува овој протокол, станувајќи симболично земјата што и ја отвора вратата на Македонија, единаесет години откако и ја затвори.
Грчкиот Парламент најави гласање утре, на 8 февруари. За Грција ратификацијата на овој документ е важно и затоа што е тесно поврзано со Договорот од Преспа и стапувањето на сила на уставните измени поврзани за него, односно промената на името во Северна Македонија. Откако ќе биде ратификуван и пристапниот протокол, во наредните денови се очекува Скопје и Атина да разменат ноти, изјави за МИА министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вчера од Брисел, но тој не сака да шпекулира со прецизни временски рокови, во интерес на процесот.
А потоа, треба да започнат и конкретните промени, во личните документи и институциите.
-Во договорот се разликува постоечки и нови документи, во разумен административен рок и за внатрешна и за надворешна употреба… За постоечки документи има врска со отворањето на поглавјата во европскиот процес, тоа значи за стари документи. А за новите документи, и за внатрешна и за надворешна употреба има административен рок и има еден посебен рок од пет години, на пример во однос на патните исправи. Најважно тука е да има добра волја, да има разбирање, пријателство во спроведувањето на договорот, бидејќи станува збор за еден огромен административен напор, изјави Димитров.
Освен тоа, пред Македонија стојат сѐ уште и реформски предизвици, потсети генералниот секретар на Алијансата.
-Реформите продолжуваат цело време. Ја поздравувам јасната порака од Владата дека ќе продолжите да ги модернизирате одбранбените институции, да спроведувате реформа во институциите за разузнавање, и да го завцрстите владеењето на правото. Реформите се постојан процес и мора да продолжи за идната Република Северна Македонија, но и за сите НАТО сојузници, рече Столтенберг.
За тоа дали постојат ризици сѐ уште да излезе процесот од колосек од било која причина, вклучувајќи ја и заканата од мешање на Русија, земја која се противи на проширувањето на НАТО кон источна Европа, Димитров и Столтенберг се сложни дека процесот е суверена одлука на македонскиот народ и дека проблеми не се очекуваат.
-Постојат различни ставови, тоа е дел од демократијата. Русија се изјаснила дека не им се допаѓа, тоа е нивен став, но реалноста е дека сите ние, меѓу кои и Русија треба да ги почитуваме суверените народи. НАТО токму тоа го прави, рече генералниот секретар.
Димитров, од своја страна, нагласи дека ова е „себична одлука“ на Македонците.
-Мене дури и ме навредува кога некои велат „ова го прави Вашингтон“, „ова го прави Берлин“. Не, ова е себична одлука да се грижиме за сопствената стабилност и да си го почитуваме народот од кој 84 отсто вели да одиме натаму. Ќе ги убедиме сите дека ова е добро, сите кои се грижат за стабилноста на регионот, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Ново на Сител
-
64 годишен скопјанец кој исчезна пред 10 дена пронајден мртов
-
Девизните резерви во октомври зголемени за 568,9 милиони евра
-
Кривична пријава против 66-годишник за демнење на началник во ОВР Неготино
-
Илиоски со златен медал на Европското кикбокс првенство во Атина
-
Кремљ: Путин е подготвен да разговара за Украина со Трамп, но не ги менува своите барања
-
Народна банка: Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години
-
Гробница првпат отворена по 2500 години, презентирани вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион
-
„Фолксваген“ повлече над 114.000 возила во САД