Македонија
17. March 2023 - 19:48

Македонија нема програма за работа со надарени деца

Освен Словенија ниту една друга држава во регионов, меѓу нив и Македонија нема програма за работа со надарени деца. Ова беше главната тема на која се разговараше денеска во Прилеп на семинарот „Форми на модернизација на работата со надарени деца“ во организација на Здружение на воспитувачи, на кој што присуствуваа над 200 воспитувачки од градинките западниот дел на Македонија.

„Интересно е да се работи со овие дечиња уште на основна возраст, но треба да ги поддржиме, треба да ги подигнеме, треба специјални средства за работа, надгледни средства, помагала и затоа подобро е кога ќе има програма, кога ќе знаеме каде се движиме и што треба да дополниме професионално на тоа ниво и на тој начин“, вели Илија Митров, претседател на Здружение на воспитувачи на Македонија.

Воспитувачите потенцираат дека станува збор за деца кои имаат посебни образовани потреби, за разлика од останатите.

„Сега ние го трасираме патот за нашата идна заедница, затоа што ние ќе го живееме животот на нашето потомство, кое всушност во овој момент е во градинките. Каква иднина ќе имаме ние зависи од тоа како ќе ги креираме децата уште од градинка“, додаде проф. д-р Снежана Мирасчиева, факултет за образовни науки Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Воспитувачите велат дека има огромен број надарени деца во градинките во сите области, музика, ликовно, математика, физичко воспитување со кои што треба посебно да се работи за дополнителен развој и поттик на нивните таленти.

„Имаме констатирано дека навистина и нас ни е потребна поддршка да можеме да ги препознаеме талентираните и надарени деца и понатаму да имаме соодветен начин да работиме со нив и да им помогнеме уште повеќе да се развиваат“, истакна Христина Трпческа, директор на ЈОУДГ „Наша иднина“ Прилеп.

Ова е втор ваков семинар во Македонија, првиот се одржал во Штип, а целта е да се промовира идејата за што поскоро креирање на една ваква програма.