Македонија
23. September 2015 - 12:43

Македонија и БиХ ќе ја интензивираат политичката и економската соработка

Традиционално добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, регионалната соработка и иницијативи, како и европските и евроатлантските интеграции на двете земји, биле теми на денешниот разговор меѓу претседателот Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак, кој престојува во официјална посета на Македонија.

- Иванов и Црнадак изразија заеднички интерес за јакнење и продлабочување на билатерална соработка, која се одвива успешно и без отворени прашања, информираат од Кабинетот на македонскиот претседател.

Во тој контекст, претседателот Иванов истакнал дека е потребно динамизирање на политичкиот дијалог меѓу двете земји, и оттука, посетата на министерот Црнадак, претставува конкретна потврда на заемните заложби во таа насока.

Во однос на економската соработка, соговорниците констатирале дека заостанува зад политичката соработка и не кореспондира со објективните можности и капацитети на двете економии, и притоа, изразиле заемен интерес за нејзино натамошно интензивирање и продлабочување.

Иванов и Црнадак се согласиле дека ЕУ и НАТО интеграцијата на државите од Западен Балкан, се потребни не само заради зголемена соработка во сите сфери од интерес на државите од регионот, туку и заради силната поддршка која ја имаат во реформските процеси во нашите општества, и затоа мора да се забрзаат. Република Македонија, истакнал претседателот Иванов, е подготвена за поблиска соработка меѓу двете земји во контекст на ЕУ пристапниот процес.

На средбата, како што е наведено во соопштението, биле разменети мислења и информации во врска со моменталните предизвици поврзани со мигрантската криза.