Македонија
16. February 2020 - 21:47

Македонија 30 години го заборави семејното законодавство

Во македонското семејно законодавство не се направени промени близу 3 децении. Земјата заостанува во законската регулатива во поглед на концептите во вршењето на родителското право по развод на брак и потребни се реформи во правец на заштита на интересите на децата.

-Во Р. Македонија алармантно е да се приступи кон отворање на оваа материја и да се пристапи кон концептот или на поделено вршење на родителското право или заедничко вршење на родителското право, имајќи го во предвид фактот дека се стремиме кон европско законодавство- изјави Милица Шутова, Правен факултет УКИМ - Скопје 

Во насока да се посочи кои реформи се неопходни во оваа област, универзитетските професори Шутева и Мицковиќ ја промовираа книгата „Разводот на брак во европските земји“. Авторите во книгата вршат сеопфатна анализа на разводот на брак во европските држави и компарација со правното уредување на разводот на брак во земјава.

-Во Македонија за разлика од другите европски држави не е предвиден и правно уреден брачниот договор, а се разбира дека тоа е неопходна реформа имајќи предвид дека имаме се поголем број разводи и голем број судски постапки за поделба на имот по развод на брак. Правното уредување на брачниот договор ќе придонесе да  се намалат овие постапки, а партнерите да ги регулираат меѓусебните имотно-правни односи без судски спор-изјави Дејан Мицковиќ, правен факултет -УКИМ Скопје. 

Потребни се измени и во регулацијата на вонбрачната заедница, зашто според актуелниот концепт, едно лице може да биде и во полноважен брак и во полноважна вонбрачна заедница, зашто за неа не се предвидени брачни пречки, додаде Мицковиќ. Исто така, дел од ингеренциите на Центрите за социјални работи треба да се префрлат во надлежност на судот.