Loading Video...
Македонија
22. September 2023 - 16:34

Македонците во Албанија под закана од Софија дека ако не се попишат Бугари ќе го изгубат државјанството

Ако не се попишете како Бугари ќе останете без пасоши. Македонците во Албанија добија јавна закана од претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов кој тука е прогласен за персона нон грата.

- До сите жители на општина Пустец, Албанија: Ако не се запишете како етнички Бугари сега на пописот, вашите бугарски државјанства ќе бидат одземени во најкраток можен рок, а ако сте во процедура – процедурите ќе ви бидат прекинати веднаш. Веќе имаме такви случаи. Мислите, вели Стојанов. 

Градоначалникот на Пустец вели дека Стојанов е веќе пријавен кај албанските власти.

- Колку што знаеме, информирани се и институциите во Албанија за да преземат мерки за него, вели градоначалникот Пали Колефски.

Иако Стојанов е маргинална политички фигура во Софија која освен пишување статуси на Фејсбук, нема никаква моќ и влијание, сепак нашинците во Албанија стравуваат дека ваквите јавни закани може да ги обесхрабрат Македонците.Тие живеат во најсиромашните региони, а за пасоши давале по 10.000 евра и поради тоа ваквите пораки може да влеат страв кај нив.

Претседателот на македонското здружение Илинден, со седиште во Тирана, за Сител вели дека цела бугарска машинерија е впуштена во притисоци кон Македонците да се попишат како Бугари.

- Притисоците се во голем размер, преку пасошите, една работа и преку делење на помош. Во тие региони кадешто живеат Македонците се посиромашни. Се надеваме дека Македонците нема да потклекнат на овие притисоци. Нон-стоп сме со нив и им кажуваме да не се плашат. Но, ја повикуваме и Македонија како татковина да ни помогне и да се обрати до институциите во Албанија, вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското здружение Илинден. 

Но градоначалникот Колефски, сепак, е оптимист. Вели, до него немало пријави за притисоци од Софија и вели дека пописот ќе помине во најдобар ред. 

- Процесот ќе продолжи како што треба. Значи, мислам дека луѓето не чувстуваат никаков притисок и ќе се регистрираат такви како што знаат дека се. Мислам дека резултатот ќе биде најдобар што е можно. Ова е многу важен процес за нас, вели Колефски.

Во меѓувреме, бугарскиот Парламент е во процедура на носење на измени на Законот за бугарско државјанство кое ќе овозможи Софија јавно да ги објави имињата на сите кои во изминатите 22 години извадиле бугарски пасоши. Измените поминаа на првото читање, а се очекува и да бидат усвоени. 

Ваквиот потег на бугарските парламентарци повторно им дава ветар во грб на националистите. Па сега европарламентарецот Андреј Ковачев вели дека ќе бидат објавени имињата на 120.000 Македонци со бугарско државјанство, а меѓу нив имало поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, сопственици на медиуми, новинари...