Македонија
7. јуни 2022 - 15:37

Мај потопол и посув месец во однос на многугодишните просечни вредности

Мај бил потопол и посув месец во споредба со многугодишните просечни вредности, покажуваат мерењата од метеоролошките станици во земјава.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека апсолутното температурно колебање било 37 степени а месечното 7,5 степени и се движело од 12,7 степени целзиусови во Маврово до 20,2 степени во Гевгелија.

– Споредено со просечните мајски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1981-2010), овогодинешната беше натпросечна за 1,1 степен на ниво на држава. Од 12-ти до 17-ти мај во Скопје е забележен продор на топлотен бран. Средната максимална температура варираше од 18 степени во Лазарополе до 28,2 степени во Гевгелија, соопшти УХМР.

Највисоката максимална температура е измерена на 26 мај во Гевгелија и изнесувала 35,7 степени, а најниската во Берово на 4 мај и изнесувала -1,4 степени.

Колебањето на месечната сума на врнежи изнесувала 61мм и се движела од 11,3мм во Скопје до 72,1мм во Крива Паланка.

Во деновите 14,17, 25, 27, 28, 29 и 31 мај дејствувано е со авионско засејување во регионите со поголема застапеност на земјоделски култури.

– Врнежите беа од дожд и град. Максимално дневно количество на врнежи од 42,9мм беше регистрирано во Струмица на 29-ти во месецот, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Споредено со мајската просечна вредност за многугодишен период (1981-2010), измерената месечна сума на врнежи била 22мм под просечната.