Бизнис
31. May 2020 - 20:02

Мај подобар од април, но, економијата се уште со лоши резултати

Наплатата на данокот на додадена вредност продолжува да паѓа. Во мај се собрале за 33% помалку пари во буџетот по овој основ, но бројките се подобри од април, кога падот изнесуваше 44 отсто. Вкупните приходи пак се помали за  24%, но зголемената акциза и подобрата наплата на придонесите спасиле падот да биде помал од очекуваниот, задоволна е министерката за финансии Ангеловска.

-Ако се има предвид дека падот на даночните приходи во април беше 31 отсто, значи бележиме подобрување. Реализацијата на даночните приходи според нашето сценарио кое предвидуваше намалување од 31 отсто, е 28. Тоа покажува дека проекциите биле соодветни. Имаме натфрлање или подобра реaлизација од сценариото за околу 300 милиони денари, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Овој месец се потрошиле за 11%  повеќе пари, така што дефицитот во моментов изнесува 307 милиони евра, а до крајот на годината ќе достигне 750 милиони. Но, Ангеловска уверува дека со издадената еврообврзница и заемите од ММФ, Светска банка и ЕУ, како и планираното домашно задолжување, пари за нормално функционирање на буџетот ќе има. Вкупното задолжување до крајот на годината ќе достигне 1,43 милијарди евра.  

-Овде спаѓа надворешниот долг од 437 милиони евра и 685 милиони евра внатрешно задолжување, јавниот долг до крајот на годината ќе се движи од 55 до 60% од БДП, додава Ангеловска.

Ангеловска вели дека има простор поддршката кон стопанството со исплата на минимална плата да продолжи и наредните месеци, со тоа што условите нема да се менуваат, односно и големите компании ќе можат можат да ги користат. Но, за разлика од малите и средни фирми, тие ќе мора да ги вратат овие пари во буџетот. Државна помош за полесно надминување на кризата изминатиот месец побарале дури и 30-тина државни институции, и покрај фактот што не им следува.