Бизнис
3. October 2017 - 19:37

Локалните избори - пречка за казнување цариници за непрофесионален однос кон фирмите

Локалните избори пречка да се казнат царинските службеници кои непрофесионално постапувале со фирмите.

Антикорупциската комисија забранува  периодов да се поведат дисциплински постапки против нив. Сепак директорот на царината уверува дека нема да дозволат субјективното однесување на одредени царинарници да му наштети на стопанството.

- Ги примаме сите жалби од деловната заедница. Имавме и добри состаноци со шпедитерите и со претставници на Македонско турската стопанска комора, со стопанската комора на преработувачите на месо и имаме многу добар инпут за тоа кои проблеми ги има стопанството. Одредени постапки ги ревидираме и ќе избегнеме да постои субјективност околу постапувањето во царинските постапки, истакна директорот на Царинската управа Танасоски.

Вчера бизнис секторот излезе со повеќе забелешки од областа на царината. Фирмите бараат да се намалат високите казни кои ги плаќаат и при најмала техничка грешка во постапката на царинење. Побараа и олеснувањата и повластиците да важат подеднакво за сите а не само за големите компании. Проблем имаат и во одредувањето на вредноста на стоката во царинската постапка. Првиот човек на царината најави упростување на царинската регулатива, а за приблужување кон европските закони, ќе учат од хрватските искуства.

Царината од почетокот на годината бележи натфрлање на приходите. До септември има зголемување за близу 6 отсто во однос на планираното, додека пак споредено со истиот период лани приходите се зголемиле за 7 %.