Живот
2. September 2023 - 16:31

Локалитет „Црвено Поле“ на Огражден - организиран живот пред 1.500 години

На планината Огражден имало организиран живот и пред 1500 години кој траел во континуитет речиси пет века. Ова го потврдуваат и последните истражувања на локалитетот „Црвено Поле“ каде во еден од објектите археолозите открија нови простории. Според археологот Ване Секулов кој веќе две децении го истражува просторот, новите наоди само потврдуваат дека во минатото не само што постоел живот на надморска височина од околу 1200 метри, туку истиот бил и многу богат.

До сега на локалитетот „Црвено Поле“ се откриени десет објекти од кои девет се целосно истражени. Освен живеалиштата, овде има и некропола со околу 170 гробови преку кои може да се следи и навлегувањето на христијанството на овие простори.

Локалитетот „Црвено Поле“ е датиран од први до шести век, а се наоѓа на самата планина Огражден, на 15 километри северно од општинскиот центар на Ново Село. Според археолозите, се работи за многу значаен и по многу нешта раритетен и специфичен локалитет. Меѓу другото, овде е откриена и најголемата колекција на оружје од римскиот период во Македонија, но и ритуалот на таканареченото убивање на оружјето кое до откривањето на овие примероци не било познато за нашите простори.