Љутков: Македонскиот јазик е жив израз на нашето постоење и историја, кој се пренесува и ја отсликува силата и истрајноста на народот

По повод 5 Мај - Денот на македонскиот јазик, министерот за култура и туризам Зоран Љутков упати честитка до граѓаните истакнувајќи ја непроценливата вредност на македонскиот јазик како темел на националниот идентитет и културното наследство.
Во својата порака министерот нагласи дека македонскиот јазик е жив израз на нашето постоење, историја и духовност, кој се пренесува низ генерациите и ја отсликува силата и истрајноста на народот.
-Денес го славиме јазикот што дише во нас. Денес се слави македонскиот збор, чист и бистар како планинско езеро, во кој се огледува нашата вековност. Во него се впишува нашето постоење. Во секој слог трепери нашиот културен бескрај. Во секоја реченица се реди една тивка, но непобитна вистина, дека сме тука, дека говориме, и дека траеме. Македонскиот јазик е наш дом. Дом на нашата мисла, нашите чувства, нашите сеќавања. Македонскиот јазик не се мери со бројот на говорници. Тој се мери со длабочината на љубовта што ја носи во себе. Со вербата што ја чува. Со силата што ја изразува. Тој е присутен во секој искрен збор, во секое напишано писмо, во секој стих што го допира срцето. Тој е жив, буден, непореклив. Во него живее цел еден народ. Во него се огледува неговата душа. Во него трае Македонија, посочува Љутков во видео честитката.
Тој потсети дека на овој ден во 1945 година е кодифициран современиот македонски литературен јазик, со што се поставени темелите на неговиот развој и афирмација.
-На денешен ден 1945 година со одлука на Народната Влада на Македонија е кодифициран современиот македонски литературен јазик, а беше утврдена неговата азбука и правопис. Затоа, да го чуваме и развиваме, затоа што во него живее нашето исконско постоење и препознатливост пред светот. Нека ни е честит и вековит Денот на македонскиот јазик!, се вели во честитката на министерот Љутков.
МИА
Ново на Сител
-

Спорни исплати, незаконски надоместоци, набавки без тендер – ревизорски извештај за Академијата за судии
-

Почна судењето за случајот ИПАРД
-

Анализа на ФЗО: Вештачки колк чекаат над 650 пациенти – лани имало зголемен број на вакви операции
-

МОН финансира по 600 илјади денари за 14 македонско-австриски научни проекти
-

Муцунски: Постои желба во Брисел за стимулирање на дијалог меѓу Македонија и Бугарија
-

Определен 30-дневен притвор за Стефан Богоев и уште три осомничени лица
-

Македонско-грчки бизнис ИКТ форум во Скопје
-

Виртуелниот простор станува нова сцена за врсничко насилство
