Љупчо Пецов Ѓаволот се предаде на полицијата, од бегство оди во куќен притвор
Љупчо Пецов Ѓаволот кој беше баран со меѓународна потерница синоќа сам се предал на полицијата. И покрај тоа што беше во бегство, обвинет за милионски финансиски криминал и даночно затавјување во случајот Синџир, Обвинителството ја преиначки мерката и од затворски притвор, бараше тој да биде во куќен притвор.
Љупчо Пецов Ѓаволот ќе биде еден од ретките осомничени кои од бегство добил куќен притвор. Образложението на Обвинителството е дека му е нарушена здравствената состојба, сам се пријавил и ги предал пасошите но имало и ризици по неговата безбедност ако биде во притвор.
“ОЈО ГОКК ценејќи ги истакнатите околности, како и околностите што укажуваат на сериозни влијанија врз постапката и влијанија врз лицето, фактот дека лицето доброволно се пријавило и ги предало двете патни исправи што ги поседува и индициите што укажуваат дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, јавниот обвинител на закажаното рочиште пред судијата на претходна постапка го измени предлогот и предложи да му биде определена мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката.” , се вели во соопштението на Обвинителството.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека судот не може да определи посилна мерка од таа што е предложена на записник.
Тој е еден од главноосомничените во предметот Синџир, голема истрага за финансиски криминал и даночно затајување, отворена кон крајот на октомври 2023 година. Според истрагата, 26те осомничени преку издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.
Предавањето на Пецов следи откако викендов неговиот адвокат и поранешен државен правобранител Фехми Стафа, беше фатен со мито од 20.000 евра од сестрата на Пецов, пари со кои требало да влијае врз апелационен судија за да му се укине притворот на Пецов. На Стафа претходно му биле дадени уште 30.000 евра од сестрата на Пецов. Судот му определи 30 дневен ефективен притвор.
Но десетина дена пред Стафа да биде фатен со парите, Апелација го одбила барањето за укинување на притворот за Пецов иако имало гаранција од еден милион евра.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
