Свет
20. February 2017 - 12:17

Личниот адвокат на Трамп претстави мировен план за Украина

Личниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајкл Коен претстави план за мир во Украина, подготвен од луѓе, кои не се дипломати, пишува американскиот весник „Њујорк тајмс“.

Според весникот планот му бил предаден на претседателот од неговиот личен адвокат, кој му е човек од доверба и кој работи за него од 2007 година.

Една недела пред претседателскиот советник за национална безбедност Мајкл Флин да биде разрешен, во кабинетот на рака му бил даден запечатен коверт со тој план, во кој е содржан и начинот на кој Трамп може да го реши укинувањето на санкциите против Русија.

Дури и по излегувањето на Флин од претседателскиот тим поради неговите контакти со рускиот амбасадор во вашингтон, мировниот план за Украина и Русија останува заедно со луѓето, кои го лансираа, нагласува весникот.

Освен Коен, кој е женет за Украинка, тука се и Феликс Сејтер, руско-американски бизнис партнер на Трамп, кој уште од поодамна ги придвижува контактите со Москва, украинскиот пратеник Андриј Артоменко, кој е жесток противник на претседателот Петро Порошенко, и кој има собрано цело досие за неговата корумпираност, како и поранешниот шеф на предизборната кампања на Трамп, Пол Манафорт, познат со врските со проруското лоби во Украина. 

Според „Њујорк тајмс“, тие луѓе и покрај тоа што некои од нив се под истрага на ФБИ поради врски со Русија, продолжуваат да дејствуваат зад кулисите за подобрувањето на односите на новата американска Влада со Москва.

Тие се аматери во дипломатијата, но велат дека нивната цел е едноставно да се стави крај на крвавиот тригодишен конфликт, во кој досега загинаа десет илјади лица. - Кој не сака да помогне во постигнувањето мир?, праша реторично Коен. 

Нивниот предлог сепак содржи нешто повеќе од мировен план. Опозицискиот пратеник Андриј Артоменко тврди дека расолага со докази дека претседателот Порошенко е вмешан во случаи на корупција и пројавува отворена намера да го собри од власт. Артоменко тврди дека во тие напори бил поддржан од високи помошници на рускиот претседател Владимир Путин.

Планот на Артоменко предвидува повлекување на сите руски војници од источна Украина. Потоа Украинците треба да решат на реферндум дали полуостровот Крим, кој е анектиран од Русија во 2014 година, да биде даден на лизинг на Русија за 50 или сто години. 

Украинскиот амбасадор во САД, Валериј Чали испратил писмени одговори на прашањата, дадени од „Њујорк тајмс“, во кои ги отфрла таквите идеи, нарекувајќи ги „грубо нарушување на украинскиот Устав“.

- Такви идеи можат да бидат изнесувани само од луѓе, кои јавно или тајно ги претставуваат руските интереси, додаде тој.

Не е познато дали Белата куќа ќе заземе сериозен став кон предлогот.

Откако му го предал запечатениот коверт на Флин, Коен сега очекува одгвор од Белата куќа, независно од оставката на Флин. Коен, Сејтер и Артоменко се надеваат дека новиот советник на претседателот за национална безбедност ќе го прифати нивниот предлог.