Македонија
15. September 2025 - 16:54

Лица со хронични респираторни болести и децата најмногу на удар од загадениот воздух

Жена со хроничен бронхит која живее во близина на запаленото складиште во Трубарево синоќа завршила на Клиниката за Токсикологија. Ја хоспитализирале со влошена клиничка слика а според лекарите една од причините е што престојувала подолг период на отворено и директно била изложена на димот.

- Кај пациентката се јавила една изразена горно респираторна симптоматологија придружена со главоболки, несвестици, но доминирале и тешкотии во дишењето со гушење. Така да овие пациенти посебно кои имаат хронични заболувања се препорачува да избегнуваат долготраен престој надвор или веќе ако треба да излегуват да се заштитат со маски, вели проф. д-р Жанина Переска од Клиника за токсикологија.

Другата пациентката која уште во саботата била хоспитализирана на Токсикологија е подобро и денека ќе биде пуштена дома.

 Не само за хронично болните, загадениот воздух од депониите што гореа изминатиот период е сериозна опасност и за децата. 

- Хемиската реакција знае да даде големи последици. Може да доведе до долгорочни последици на алергиска реакција, но и до опструктивни бронхити па кога на сето тоа ќе го намалиме имунитетот, вирусните и бактериските инфекции кои допрва доаѓаат имаат подлога за многу полесно да се предизвика бронхопневмонија и пневмонија кои бараат и посериозен болнички третман кај нас, вели д-р Елена Тасевска од Клиника за белодробни заболувања кај деца Козле. 

Ако честите препораки на педијатрите вклучуваат шетање надвор и поголема физичка активност на децата на отворено, сега во услови на загадување од Дрисла, Вардариште и Трубарево, ова не важи. 

- Ние секако секогаш препорачување физичка активност надвор, меѓутоа во овој период се препорачува да се седи дома, да се носат заштитни маски и секако има места каде нема агаденост, еве го Водно, да се престојува на чист воздух, вели д-р Тасевска. 

 Во клиниката Козле засега немале пациенти со компликации од загадениот воздух, но велат, сезоната на вируси допрва доаѓа.