Македонија
30. January 2021 - 13:31

Левица: Владата продолжува со партизацијата и во институциите на културата

Партизираноста во сите пори на општеството, изразена преку синтагмата „од хигиеничарска до директор“, власта ја продолжува и во доменот на културата. Актуелниот директор на ЈГДУ „Детска радост“ од Струмица – Васил Бубев е избран за прв човек на НУКЦ „Антон Панов од Струмица. Бубев е именуван од страна на министерката за култура Ирена Стефоска, а според нашите сознанија, Бубев веќе го добил Решението со кое се назначува за директор на оваа установа.

Особено е скандалозна ваквата одлука што за оваа позиција, покрај претходно споменатиот Васил Бубев – кој е наставник по физичко воспитание – аплицирале и кандидати меѓу кои и културен менаџер со мастер студии на Унеско катедрата за културен менаџмент при Универзитетот за уметности во Белград и десетгодишно искуство со проекти во полето на културата; и културен деец – дипломирана актерка, со две децении официјален работен стаж и 30 годишно искуство  во истата културна институција за која се бираше директор, што значи добро запознаена со проблемите на Центарот за култура. Сепак, Министерството за култура т.е. министерката Ирена Стефоска за прв човек на оваа културна институција го избра најнекомпетентниот кандидат за една ваква позиција, кој евидентно е веќе добро упатен во партиските протоколи. Како наставник во основно училиште, ставен е на позицијата директор во градинката „Детска радост“ (од каде неофицијално заради проневери е тргнат), а сега е унапреден и на позицијата директор на НУКЦ „Антон Панов“ од Струмица.

Контроверзите на оваа струмичка институција не се нови. Имено, досегашниот В.Д. директор на НУКЦ „Антон Панов“ Ванчо Ристов незаконски бил реизбиран седум пати, за со петиции да се извојува распишување на конкурс за избор на нов директор. И покрај сé, очигледен е непокорот на струмичките уметници кои даваат отпор дури и во најсилниот бастион на владејачката партија СДСМ.

Сектор за Култура при Левица