Левица најави интерпелација за Џафери поради говорот на албански во Европскиот парламент
Левица најавува интерпелација за собранискиот спикер поради употребата на албанскиот јазик за време на неговото официјално обраќање во Европскиот парламент. Апасиев смета дека таквиот акт е спротивен на Уставот. Ако Основното јавно обвинителство не покрене постапка по допрен глас, Апасиев најавува кривична пријава за Џафери.
“Со ова не само што направи дипломатски скандал, не само што е спротивно и на членот 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик, туку тој направи и кривично дело според наша проценка. Тоа се кривични дела против честа и угледот на Република Македонија и излагање на подбив на македонскиот народ со намера за исмејување и ставање во подредена позиција на македонскиот јазик како единствен јазик за службена комуникација во дипломатските и надворешни односи. Ќе поднесеме претставка до Министерството за култура, кое по закон е надлежно да врши инспекциски надзор над употребата на македонскиот јазик и го повикуваме Основното јавно обвинителство Скопје по допрен глас да поведе постапка по службена должност, во спротивно ние ќе поднесеме кривична пријава против спикерот Џафери”, вели Димитар Апасиев, пратеник од Левица.
Со оглед на тоа што за да се покрене постапка за интерпелација се потребни петмина пратеници, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ја поддржат иницијативата на Левица, бидејќи според Уставот на земјава во меѓународните односи единствено македонскиот е службен јазик.
“Да. И јас исто така мислам дека ова е за интерпелација бидејќи претседателот Џафери кога говори во Европскиот парламент не говори како граѓанинот, како личноста Талат Џафери, туку како претседател на Собранието и тој мора и треба да го почитува Уставот. Господинот Талат Џафери всушност си го допиша Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите за јазикот”, вели Гордана Силјановска Давкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, спикерот Џафери говореше на албански јазик.
До сега од кабинетот на собранискиот спикер не добивме став зошто Џафери во официјалното обраќање не зборуваше на македонски јазик.
Левица и ВМРО-ДПМНЕ реагираат и за тоа што веќе неколку месеци во Собранието се делат двојазично напишани материјали, на македонски и албански јазик. И така ги добиваат сите пратеници, а не само припадниците на малцинствата.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
