Лекарска комора: Опаѓање на косата во пост-ковид периодот е најчестиот симптом кој ги вознемирува пациентите
Различни промени на кожата, манифестирани како црвенило, осип, лезии или поинтензивно опаѓање на косата се дел од симптомите кои може да ги предизвика Ковид19 во акутната фаза на болеста или во подоцнежниот пост ковид период, елаборираше асс. д-р Ивана Дохчева Карајованов во рамките на неделната дискусија која ја организираше Лекарската комора. Настанот го модерираше претседателот на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова која истакна дека иако овие настани не се дел од континуираната медицинска едукација, сепак се многу корисни и претставуваат извор на релевантни научни и стручни сознанија кои се апликативни во секојдневната лекарска пракса.
„Документирање на кожните симптоми поврзани со Ковид 19 е важен дел од сложувалката во градењето на нашето разбирање за болеста. Симптомите на кожата може да имаат клучна улога во откривањето на инфекцијата кај луѓето кои инаку се асимптоматски со што би придонеле за спречување на понатамошна трансмисија“, истакна асс. д-р Ивана Дохчева Карајованов.
Кожните симптоми се последица на директна вирусна инфекција, која предизвикува васкулопатија, односно промени на крвните садови, кои може да се јават и како последица од имуниот одговор на домаќинот. Се смета дека овие промени може да бидат поврзани и со третманот.
Во акутната фаза на Ковид19 инфекцијата, односно во текот на првите 28 дена од болеста, евидентирана е појава на различни видови на кожни промени. Најчесто се сретнува морбилиформен неспецифичен осип на задникот, долниот дел од стомакот и бутовите, при што две третини од пациентите се жалат и на чешање. Црвенила налик на смрзнатини со папули или меури, кои се јавуваат на прстите на стапалата или на рацете, проследени со болка, печење, понекогаш и чешање, почесто се сретнуваат кај деца и млади пациенти. И двете промени може да изгледаат драматично за пациентите, но сепак се јавуваат кај полесни форми на болеста и поминуваат без посебна медикаментозна терапија. Пациентите со средно-тешка клиничка слика на Ковид19 може да манифестираат уртикарија која чеша, осип што личи на сипаници или точкести дамки на задникот, бутовите и зад колената.
Опаѓање на косата во пост-ковид периодот е најчестиот симптом кој ги вознемирува пациентите и кој влегува во групата на пет најчести долготрајни ефекти од Ковид19. На Универзитетската клиника за дерматологија во тек е посебна студија во која 104 пациенти кои биле отпуштени од болница во периодот помеѓу 1 ноември и 31 декември 2020 година се следени за појава на косопаст во период од три и шест месеци по отпуштање од болница.
„Може да заклучиме дека косопастот е честа појава кај хоспитализираните пациенти со Ковид19 во фазата на заздравување на болеста, односно до три месеци по отпуштање од болница со овој проблем се соочиле 30 пациенти (28.8%) од оние кои се опфатени во студијата. Почесто се јавува кај жените отколку кај мажите, а просечно траење на проблемот е околу 3,5 месеци. Пациентите добиваат совети за третман и терапија за побрзо смирување на симтомите, кои може да се состојат во препарати за локален третман, суплементарна терапија, медицински шампони или маски за коса“, објасни асс. д-р Дохчева Карајованов.
Ново на Сител
-

Тотално безредие, хаос во финансиското работење, сомнежи за криминални дејства во прилепската болница
-

12.000 пензионери не добиваат повисоки пензии оти живеат во странство – утврдена дискриминација
-

Почеток на национална кампања „1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца“
-

Фондацијата “Ице Бегов” донираше 5 апарати на Клиниката за детски болести во вредност од над 43.000 евра
-

Пожар го уништи историскиот облакодер „Вјесник“ во Загреб
-

Опозицијата бара анкетна комисија за Кочани
-

Стопанска комора: По примерот на дуалното образование да се реформира и високото
-

Почеток на национална кампања „1 до 5 - стоп за сексуалното насилство врз деца“
