Лазарева поворка и каланди во центарот на Скопје по повод Лазарева сабота

По повод Лазарева сабота, пред големиот христијански празник Велигден, денеска напладне во Скопје ќе се одржи традиционалната лазарева поворка која тргнува од дворот на храмот „Св. Димитриј“ и со пеење на лазаревите каланди ќе се движи по улица „Македонија“ и ќе заврши во црквата „Св. цар Константин и царица Елена“.
Пред почетокот на поворката, на учесниците ќе им бидат поделени врбови гранчиња, а за најмладите ќе има и мало изненадување.
Лазарева Сабота е ден кога се сеќаваме на големото чудо, кога Господ Исус Христос го воскреснал праведниот Лазар, четири дена по неговото упокојување. Со ова чудо Христос им покажал на луѓето дека Бог е Бог на животот и дека верата, надежта и љубовта се посилни од смртта. Затоа овој ден е исполнет со радост и претставува почеток на подготовката за Страдалната Седмица и Воскресението Христово.
Во нашата традиција, Лазарева Сабота се одбележува со Лазареви поворки. По ослободувањето од отоманското ропство, овој обичај почнал поорганизирано да се негува преку училиштата и црквите. Во пресрет на празникот, децата заедно со возрасните собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња, а потоа во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите, каде ги принесувале овие свои дарови.
Така, врбовите гранчиња се благословувале од свештениците и им се раздавале на верните како предобраз на Христовото влегување во Ерусалим на Цветници. Со цвеќињата се украсувале храмовите и домовите во знак на пролетна и благословена радост.
До Цветници децата минувале низ маалата и ја споделувале празничната радост, додека од Велики Понеделник започнувала молитвената тишина како духовна подготовка за Христовото Воскресение.
Лазаревите поворки биле широко распространети сè до Втората светска војна и истите останале живо сведоштво за верата, детската чистота и радоста изразена во заедништвото.
Овие традиции, со векови најдостоинствено го подготвувале нашиот народ за дочекување на Празникот над празниците – Христовото Воскресение, посочуваат од организацијата Бадникови поворки.
МИА
Ново на Сител
-

Николоски: Градски воз ќе има, ветивме од 1 септември и од 1 септември ќе оперира
-

ЦУК: Три активни пожари на отворено, еден под контрола и осум изгаснати
-

Норис ја освои пол-позицијата на унгарското Гран при
-

Кражба од големи размери во електровлечната подстаница Драчево
-

ОЈО Прилеп отвори истрага против референт во Центарот за вработување за поткуп од 18.000 денари.
-

Муцунски го обвини Османи за извртување на фактите и избегнување одговорност
-

55 годишна жена пронајдена почината во коритото од чешмата во село Копаница
-

Панел дискусија за органодарителство, за трансплантација на срце чекаат 29 пациенти, 12 за црн дроб, 160 за бубрези
