Свет
26. July 2022 - 18:01

Лавров од Уганда: Русија ја поддржува реформата на СБ на ОН со засилување на улогата на африканските земји

Шефот на руската дипломатија,  Сергеј Лавров, денеска во Уганда изјави дека Москва ја поддржува реформата на Советот за безбедност на ОН, за земјите во развој, посебно африканските, да добијат поголемо влијание.  

По средбата со претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, во главниот град Кампала првиот руски дипломат кажа дека двете страни „ги потврдиле своите позиции кога станува збор за реформата на Советот за безбедност на ОН“. -Главниот проблем е недоволната застапеност на земјите во развој во Советот за безбедност, а единствено решение е поголема застапеност на азиските, африканските и латиноамериканските земји, рече Лавров по средбата со Мусевени, сојузник на САД кој одржува пријателски врски со Русија.

Мусевени денеска изјави дека Русија е пријател на Уганда повеќе од 100 години и дека не може одеднаш да стане непријател поради ривалството меѓу Москва и Вашингтон. Уганда е третата станица на африканската турнеја на Лавров, во време кога Русија се обидува да ја пробие дипломатската изолација на која е изложена поради инвазијата врз Украина. Лавров пред Уганда ги посети Египет и ДР Конго, а турнејата ја завршува со посета на Етиопија, седиштето на Африканската унија.

Уганда е една од 25-те африкански земји кои се воздржаа или не гласаа за резолуцијата на Генералното собрание на ОН за осуда на руската инвазија на Украина. Многу африкански земји имаат долги врски со Москва, кои датираат од Студената војна кога Советскиот Сојуз ја поддржа нивната борба за независност.

Во последните месеци, африканските лидери бараат континентот да добие постојано место во Советот за безбедност на ОН. Тоа тело има пет постојани членки (САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција) и десет непостојани, а прашањето за неговата реформа е предмет на дебата со децении. Африканската унија бара да се прошири Советот за безбедност на 26 членки и 11 постојани, вклучително и две африкански земји кои ќе имаат право на вето. Од 26 членки, Африка треба да има пет непостојани, предлога Африканската унија.