Свет
24. April 2021 - 12:19

Ламбрехт: Ревакцинираните лица наскоро ќе можат да добијат поголема слобода за движење

 На луѓето кои се целосно ревакцинирани против коронавирусот наскоро може да им се отстранат одредени ограничувања, изјави денеска германската министерка за правда, Кристин Ламбрехт, пренесе ДПА.

-Доколку се утврди дека вакцинацијата не само што штити од болестите, туку може да спречи и натамошно пренесување на вирусот, ова мора да се земе предвид во мерките, рече таа за весникот „Ханделсблат“.

„Ова не е привилегија за вакцинираните лица, туку барање на Уставот“, додаде таа.

Прашањето кои ограничувања можат да се отстранат за вакцинираните лица ќе биде во фокусот на планираниот состанок меѓу лидерите на  федералните и покраинските власти, планиран за понеделник, пренесе ДПА.

Од ноќеска на полноќ стапи на сила контроверзниот закон со кој во Германија се воведуваат униформни ограничувања за спречување на ширењето на коронавирусот во областите каде што има висока инциденца на инфекциите.

Ламбрехт кажа дека новиот федерален закон експлицитно овластува воспоставување „специјални регулативи, исклучоци и олеснувања за лицата за кои се претпоставува дека се имунизирани против коронавирусот“.

Придобивките од вакцинирањето мора да им се презентираат на луѓето, додаде министерката.

-Тие со право се прашуваат какви слободи можат да остварат повторно по вакцинацијата, рече таа.